Нов Завет

Евреите 2:1-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Затоа треба да обрнеме многу поголемо внимание на вистината што ја чувме, за да не се случи да не ја погодиме целта!

2. Зашто, се покажа дека пораката што им ја даде Бог, преку ангелите, на нашите предци беше вистинита, па за секој прекршок на Божјиот Закон или непослушност луѓето беа праведно казнети.

3. Тогаш, како ќе можеме ние да ја избегнеме казната, ако сме незаинтересирани за ова величествено спасение!? Самиот Господ прв почна да проповеда за ова, а оние што Го слушнаа ни ја пренесоа оваа вистина.

4. Во исто време, Бог ја потврди оваа порака со видливи докази, со извршување чуда, со разновидни моќни дела, и со дарови од Светиот Дух кои ги распределуваше според Својата волја.

5. Знаеме дека идниот свет за кој ние зборуваме, Бог не им го довери на ангелите.

6. Напротив, како што стои запишано некаде во Светото Писмо: „Што е човекот, та да му обрнуваш внимание, и за синот човечки да се грижиш?

7. Само за кратко време го направи помал од ангелите, а потоа со слава и со чест го овенча.

8. Му даде власт над се“. Кога вели: „Му даде власт над се“, значи дека Бог не оставил ништо што не е под Негова власт, иако засега не гледаме дека се Му е потчинето.

9. Но Го гледаме Исуса - Кој иако за кратко време беше на пониско место од ангелите, за да страда и да умре за сите, покажувајќи ни ја Божјата благонаклоност - сега Тој е овенчан со слава и чест!

10. И навистина, Бог, Кој е Творец на се и Кому Му припаѓа се, постапи соодветно, кога преку страдања Го издигна Исуса во совршен водач, зашто Исус на многу Божји чеда им донесе спасение и слава.

11. Сега и Исус, и оние што ги освети, имаат еден ист небесен Татко. Затоа Исус не се срами да ги нарече браќа,

12. кога на Бог Му се обраќа со следниве зборови: „Твоето име меѓу браќата ќе Го проповедам, и сред собранието ќе Те прославувам!“

Прочитајте целосна глава Евреите 2