Нов Завет

Евреите 12:5-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

5. Зарем ги заборавивте предупредувачките зборови што ви ги упати Бог како на Свои деца: „Чеда Мои, сфатете ги сериозно Божјите казнувања и не обесхрабрувајте се кога Тој ве укорува, зашто,

6. Господ ги казнува оние што ги сака, и ги укорува оние што ги прифатил како Свои чеда.“

7. Издржете го строгото воспитување! Бог постапува со вас како со Свои чеда! Кој татко не го дисциплинира своето дете!?

8. Ако сте изземени од укорувањата на кои сите деца се подложни, тогаш не сте вистински чеда, туку незаконски деца!

9. Па и нашите земни татковци не укоруваа, па сепак ги почитувавме! Тогаш, колку повеќе треба да Му бидеме послушни на нашиот духовен Татко, за да живееме!

10. Нашите земни татковци не караа еден кус временски период, како што сметале дека е најдобро. А Бог не кара за наше добро, зашто сака и ние да бидеме свети, како што е и Тој.

11. Ниедно укорување не е пријатно; тоа е дури болно во времето кога го примаме. Но подоцна, оние што се одгледани во дисциплина, ќе пожнеат плод на спокојство и праведен живот.

12. Затоа, „подигнете ги премалените раце и зацврстете ги треперливите колена!“

13. Чекорете по рамниот пат, за да не се онеспособат слабите и сакатите, туку напротив, да оздрават!

14. Трудете се да живеете во мир со секого и да живеете свет живот, зашто без светост никој не ќе може да Го види Господа!

15. Бидете внимателни, за никој да не ја испушти Божјата милостива благонаклоност. Да не изрти меѓу вас некој горчлив корен кој ќе вознемири и затруе мнозина!

16. Будно внимавајте некој да не стане блудник или безбожник, како што беше Исав, кој за еден единствен оброк си го продаде првородството!

17. Знаете дека, подоцна, кога тој сакаше да го добие татковиот благослов, беше одбиен. Со ништо веќе не можеше да ја промени својата поранешна постапка, иако со солзи молеше.

18. Вие сега не пристапувате кон материјална планина како тогашните Израелци кон Синај, ни кон разгорен оган, ни кон темни облаци, ни кон луња,

19. ни кон звук на труба, ниту кон силен глас (Израелците слушнаа таков глас, па молеа другпат да не им зборува!)

Прочитајте целосна глава Евреите 12