Нов Завет

Евреите 11:27-39 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

27. Мојсеј имаше вера во Бог кога го напушти Египет и не се исплаши од царскиот гнев. Остана непоколеблив, како да Го гледаше Невидливиот Бог.

28. Тој имаше вера кога ја заповеда Пасхалната вечера и попрскувањето со крв, за да не бидат убиени нивните првороденчиња од страна на ангелот на смртта.

29. Израелскиот народ имаше вера во Бог кога мина преку Црвеното Море како преку сува земја, додека при истиот обид, Египќаните се удавија.

30. Израелците имаа вера во Бог кога седум дена ги обиколуваа ѕидините на Јерихо, додека тие не се урнаа.

31. И блудницата Рахава имаше вера кога ги прибра израелските извидници и затоа не беше погубена заедно со оние што не Му веруваа на Бог.

32. Треба ли уште да кажувам? Не би имал доволно време да расправам и за Гидеон, за Барак, за Самсон, за Јифтах, за Давид, за Самуил и за сите пророци.

33. Тие имаа вера во Бог и преку неа победуваа царства; и бидејќи постапуваа праведно, го добија она што Бог им го вети. Тие и лавовски усти затвораа,

34. пламени јазици згаснуваа, од меч се избавуваа ... Иако беа немоќни, добиваа сила и моќ пред кои бегаа непријателските војски.

35. Некои жени доживеаја да им воскреснат починатите. Многу од нив беа мачени, одбивајќи да се откажат од верата во Бог и да бидат ослободени, зашто беа уверени дека ќе им биде подобро со воскреснатите.

36. Други беа исмејувани, тепани и во окови затворани.

37. Некои беа до смрт каменувани или со пили пресекувани или со меч погубувани. Некои од нив имаа само кожувчиња од овча или јарешка кожа и беа принудени да живеат како да се скитници. Беа сиромашни, измачени и малтретирани.

38. Светот не ги заслужуваше овие добри луѓе, кои беа принудени да живеат во пустини, во шуми, во пештери и во јами.

39. Сите овие луѓе, благодарение на верата во Бога што ја имаа, станаа пример за пофалба; па сепак, не доживеаја да го примат она што им беше ветено.

Прочитајте целосна глава Евреите 11