Нов Завет

Евреите 11:1-7 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Што е вера? Тоа е сигурност дека она на што се надеваме навистина и ќе се случи. Вера е увереност во нешто што не си го видел.

2. Бог со одобрување гледаше на нашите предци токму поради нивната вера.

3. Преку вера разбираме дека целата вселена била создадена преку Божјиот Збор, така што се што е видливо настанало од она што било невидливо.

4. Авел имаше вера во Бог и затоа неговата жртва беше подобра од онаа на Каин. Бог ја прифати неговата жртва и со тоа покажа дека Авел е праведен. Иако Авел е веќе одамна мртов, неговата вера продолжува да зборува.

5. Енох имаше вера во Бог и затоа не доживеа смрт: „одеднаш тој исчезна, бидејќи Бог го зеде“. Но пред Бог да го земе, Енох доби уверување дека му беше угоден на Бог.

6. А без вера не е можно да Му бидеме угодни на Бог. Секој што сака да дојде кај Бог, мора да верува дека Тој постои и дека ги наградува оние што искрено Го бараат.

7. Ное имаше вера во Бог и затоа Тој го предупреди за она што се уште не се беше случило. Тој со побожна почит изгради ковчег за да го спаси своето семејство. На тој начин, светот беше осуден, а Ное поради својата вера беше оправдан во Божјите очи.

Прочитајте целосна глава Евреите 11