Нов Завет

Евреите 10:11-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

11. Секој друг свештеник секојдневно врши богослужба и одново принесува жртви што никогаш не можат да исчистат од гревови.

12. А Христос принесе само една жртва, која има вечна вредност, и потоа седна на почесно место, од десната страна на Бог.

13. Таму ќе остане се додека Неговите непријатели не бидат покорени под Неговите стапала.

14. Значи, Тој само со една жртва, вечно ги усоврши оние што ги посвети.

15. За ова ни сведочи и Светиот Дух. Прво вели:

16. „Кога ќе дојде време, со Мојот народ ќе воспоставам ваков Завет: Моите закони ќе ги ставам во нивните срца, па ќе ги разберат, и ќе ги впишам во нивните умови, па ќе им се покоруваат,

17. а нивните гревови и беззаконија нема веќе ни да ги спомнам.“

18. Штом гревовите се простени, веќе нема потреба од принесување жртви. Повик на верност спрема Новиот завет

19. Според тоа, драги пријатели христијани, ние сега можеме смело да влеземе во Најсветото место. Тоа ни го овозможи жртвата на Исус.

20. Тоа е тој нов пат, пат што дава живот, пат што го проби Христос за нас низ преградната завеса со тоа што во тело Тој умре за нас.

21. Затоа, сега кога имаме Првосвештеник Кој управува со Божјиот Дом,

22. да дојдеме пред Бог со искрени срца и со целосна доверба. Нашата опоганета совест е попрскана со Христовата крв и сега е чиста, нашите тела се измиени со чиста вода.

23. Да се држиме цврсто и без колебање за надежта што велиме дека ја имаме, бидејќи можеме да имаме целосна доверба дека Бог ќе го исполни ветувањето што ни го даде.

24. Да размислуваме како еден со друг да се поттикнуваме на љубов и добри дела.

25. Да не изостануваме од нашите заеднички богослужби, како што некои тоа имаат обичај да го прават, туку напротив, да се охрабруваме едни со други, особено сега кога гледате дека се приближува денот на враќањето на нашиот Господ!

26. Ако продолжиме намерно да грешиме, откако сме биле запознати со вистината, нема веќе друга жртва што може да ги покрие нашите гревови.

27. Во таков случај нема што друго да се очекува освен Божјиот страшен суд и распламтениот оган што ќе ги проголта Неговите противници.

28. Ако двајца или тројца сведоци потврделе дека некој одбил да го спроведе Мојсеевиот Закон, тој безмилосно бил погубуван.

Прочитајте целосна глава Евреите 10