Нов Завет

Ефесјаните 3:6-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

6. Од Радосната вест дознаваме дека тајната е во тоа што по заслуга на Исус Христос и нееврејските народи се соучесници во ветувањата што ги даде Бог, сонаследници со Евреите и органи на истото тело.

7. Бог беше многу милостив и благонаклонет спрема мене. Неговата сила ми даде дарба и задача да ја ширам Радосната вест.

8. Спрема мене, најмалку достојниот од сите Божји избраници, Бог беше благонаклонет и ме одбра да им ја проповедам Радосната вест на нееврејските народи, веста дека им стојат на располагање неисцрпни богатства, се по заслуга на Христос.

9. Бог, Создателот на се што постои, ме одбра да им го објаснувам на сите луѓе Божјиот план, што со векови беше скриен во Неговиот ум.

10. Целта беше преку формирањето на Црквата да им се покаже на сите владетели и власти во небесните простори дека Бог има многустрана мудрост.

11. Сето тоа беше во согласност со Божјиот вечен план, што се оствари преку нашиот Господ Исус Христос.

12. Во заедништво со Христос и преку вера во Него ние можеме смело и со целосна доверба да Му пристапуваме на Бог.

13. Затоа ве молам да не се обесхрабрувате поради страдањата низ кои сега јас минувам. Тие ќе бидат за ваша полза, за ваша слава.

Прочитајте целосна глава Ефесјаните 3