Нов Завет

Ефесјаните 2:10-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

10. Ние сме Божјо совршено, врвно дело. Создадени сме преку Исус Христос, за да живееме живот исполнет со добри дела, што Бог уште одамна ги испланирал за нашите животи.

11. Затоа не заборавајте што бевте порано. Вие според раѓањето не сте Евреи. Оние што се обрежани, иако е тоа само телесно обрежување и извршено од човечка рака, со презир ве нарекуваа „необрезани“.

12. Тоа беше кога Го немавте Христос. Бевте туѓинци и не бевте дел од Божјиот народ. Немавте дел во заветот, во ветувањата што Бог му ги даде на Својот народ. Живеевте во овој свет без надеж и без Бог.

13. Но сега го имате Исус Христос. Вие кои некогаш бевте далеку, сега сте доведени близу до Бог, благодарение на крвта што Христос ја пролеа за вас.

14. Христос е Тој што не помири, Кој од Евреи и неевреи направи еден народ. Го урна ѕидот што не раздвојуваше и не правеше непријатели.

15. Со Својата смрт Христос му стави крај на целиот еврејски систем од заповеди и правила. Преку Себе Христос создава нов човек, и од Евреин и од неевреин, изградувајќи така мир.

16. Умирајќи на крстот, и за едните и за другите, Христос го уништи непријателството што владееше меѓу нив, ги помири со Бог и ги обедини во еден народ.

Прочитајте целосна глава Ефесјаните 2