Нов Завет

Дела Ап. 9:9-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

9. Три дена не можеше да гледа, и ниту јадеше, ниту пиеше.

10. А во Дамаск имаше еден христијанин по име Ананија. Нему Господ му се јави во видение и му рече: „Ананија!“, а тој му одговори: „Еве ме, Господе!“

11. Господ му рече: „Стани, оди на улицата наречена ,Права‘, во куќата на Јуда. Таму има еден човек од градот Тарс, по име Савле. Ќе го најдеш како се моли.

12. Преку видение му покажав еден човек, по име Ананија, како доаѓа да ги положи врз него рацете, за тој повторно да прогледа!“

13. Ананија одговори: „Господе, многу сум слушал за тој човек, колку многу зла им има направено на Твоите следбеници во Ерусалим!

14. Тој има овластување дадено од Првосвештеникот да го уапси секој што го повикува Твоето име!“

15. Но Господ му рече: „Оди храбро, зашто Јас сум го избрал Савле да им проповеда за Мене на нееврејските народи, на нивните цареви како и на Израелците.

16. А јас ќе му покажам колку ќе мора да пропати поради проповедање на Моето име.“

17. Ананија отиде и влезе во посочената куќа. Ги положи рацете врз Савле и рече: „Брате Савле, ме испрати Господ Исус, Оној што ти се јави на патот по кој доаѓаше, за повторно да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.“

18. Од очите на Савле веднаш падна нешто како лушпа и тој повторно прогледа. Потоа стана и беше крстен.

19. Откако се најаде, му се врати силата. Савле остана неколку дена со христијаните во Дамаск.

20. Веднаш почна во синагогите да проповеда дека Исус е Божјиот Син.

21. Сите што го слушаа беа вчудовидени и велеа: „Не ли е овој истиот човек што во Ерусалим ги убиваше следбениците на Исус? Зар не дојде и овде со истата цел: да ги уапси Исусовите следбеници и во пранги да ги одведе кај Првосвештениците?“

22. Но Савле толку уверливо докажуваше дека Исус е Месијата, што Евреите кои беа во Дамаск беа целосно збунети и не можеа да му се противстават.

23. По долго време, Евреите сковаа заговор да го убијат,

24. но на Савле му беше јавено дека Евреите стражарат покрај градските порти и дење и ноќе, за да го фатат и да го убијат.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 9