Нов Завет

Дела Ап. 9:29-37 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

29. Се расправаше и со некои елинизирани Евреи, но тие се обидуваа да го убијат.

30. Кога дознаа за ова, христијаните го одведоа во Цезареја, и оттаму го испратија за Тарс.

31. Тогаш низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија, за Црквата настапи период на мир и растеж. Живеејќи со страхопочит спрема Господ и имајќи поткрепа од Светиот Дух, бројот на христијаните постојано се зголемуваше.

32. Посетувајќи ги христијаните, апостол Петар патуваше од место во место. Така пристигна и кај следбениците на Господ што живееја во градот Лида.

33. Таму сретна еден човек по име Енеј, кој осум години лежел парализиран.

34. Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцелува! Стани и намести си ја постелата!“ И тој веднаш стана!

35. Сите што живееја во Лида и Шарон го видоа ова и се обратија кон Господ.

36. А во градот Јопа имаше една христијанка по име Тавита, што во превод значи ,Срна‘. Таа имаше направено многу добри дела и имаше раздавано многу милостина.

37. Во тоа време се разболе и умре. Ја избањаа и ја положија во една соба на горниот кат.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 9