Нов Завет

Дела Ап. 9:26-40 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

26. Од Дамаск, Савле отпатува за Ерусалим, каде што се обиде да се поврзе со тамошните христијани, но тие се плашеа од него и не веруваа дека и тој навистина станал христијанин.

27. Тогаш Барнаба го доведе кај апостолите и им раскажа како Савле на патот се сретнал со Господ и зборувал со Него, па како во Дамаск смело проповедал за Исус.

28. Тогаш апостолите го прифатија. Савле остана извесно време со нив, движејќи се во Ерусалим и околината, смело проповедајќи за Господ.

29. Се расправаше и со некои елинизирани Евреи, но тие се обидуваа да го убијат.

30. Кога дознаа за ова, христијаните го одведоа во Цезареја, и оттаму го испратија за Тарс.

31. Тогаш низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија, за Црквата настапи период на мир и растеж. Живеејќи со страхопочит спрема Господ и имајќи поткрепа од Светиот Дух, бројот на христијаните постојано се зголемуваше.

32. Посетувајќи ги христијаните, апостол Петар патуваше од место во место. Така пристигна и кај следбениците на Господ што живееја во градот Лида.

33. Таму сретна еден човек по име Енеј, кој осум години лежел парализиран.

34. Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцелува! Стани и намести си ја постелата!“ И тој веднаш стана!

35. Сите што живееја во Лида и Шарон го видоа ова и се обратија кон Господ.

36. А во градот Јопа имаше една христијанка по име Тавита, што во превод значи ,Срна‘. Таа имаше направено многу добри дела и имаше раздавано многу милостина.

37. Во тоа време се разболе и умре. Ја избањаа и ја положија во една соба на горниот кат.

38. Лида е близу до Јопа и кога христијаните од Јопа разбраа дека Петар е во Лида, испратија двајца луѓе да го викнат веднаш да дојде кај нив.

39. Петар веднаш стана и тргна со нив кон Јопа. Кога пристигнаа, го одведоа во горната соба. Собата беше полна со вдовици кои веднаш се собраа околу Петар и плачејќи му ги покажуваа кошулите и другите облеки што ги изработувала Тавита додека била жива.

40. Петар ги замоли сите да излезат надвор. Потоа клекна на колена, се помоли, се сврте кон мртвото тело и рече: „Тавита, стани!“ Таа ги отвори очите и кога го виде Петар седна.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 9