Нов Завет

Дела Ап. 8:11-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

11. Тие го слушаа бидејќи долго време ги восхитуваше со магии и трикови.

12. Но кога поверуваа во она што го зборуваше Филип, кој им проповедаше за Божјото царство и за Исус Христос, сите се крштаваа, и мажи и жени.

13. Дури и Симон поверува, и се крсти. Му се придружи на Филип и се восхитуваше од чудата и од видливите докази што Филип ги правеше.

14. Кога слушнаа апостолите во Ерусалим дека народот во Самарија ја прифатил Божјата порака, ги испратија кај нив Петар и Јован.

15. Кога пристигнаа тие, се помолија за овие нови христијани да Го примат Светиот Дух,

16. бидејќи Тој се уште не беше слегол над ниту еден од нив, туку тие само беа крстени во името на Господ Исус.

17. Тогаш Петар и Јован се помолија, положувајќи ги рацете врз нив, и тие Го примија Светиот Дух.

18. Кога Симон виде дека Светиот Дух им беше даден преку ракополагање од страна на апостолите, им понуди пари

19. и им рече: „Дајте ми ја и мене оваа моќ, та врз кого ќе положам раце, да Го прими Светиот Дух!“

20. Но Петар му одговори: „Одете во неврат и ти и твоите пари, штом мислиш дека Божјиот дар може да се купи за пари!

21. Нема за тебе место, ти не можеш да учествуваш во оваа работа, зашто се покажа дека твоето срце не е праведно пред Бог!

22. Затоа покај се што помисли таква зла работа и помоли Му се на Бог. Можеби ќе ти ја прости оваа нечесна намера,

23. зашто гледам дека си полн со горчина и окован во стегите на гревот.“

24. Тогаш Симон извика: „Молете Му се на Господ за мене, за да не ме снајде ништо од она што го спомнавте!“

25. Откако Петар и Јован сведочеа и проповедаа за Господ, се вратија во Ерусалим. Патем ја проповедаа Радосната вест по многу села во Самарија низ кои поминуваа.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 8