Нов Завет

Дела Ап. 7:39-53 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

39. Но нашите предци не го послушаа, туку го отфрлија и посакаа да се вратат во Египет, по кој им беа прираснале срцата.

40. Му рекоа на Арон: ,Направи ни богови што ќе не водат, зашто не знаеме што се случи со Мојсеј, кој не изведе од Египет.‘

41. Така си направија од злато идол во форма на теле и му принесоа жртва, восхитени од својата ракотворба.

42. Тогаш Бог им сврте грб и ги остави да им служат на Сонцето, Месечината и ѕвездите, како да им се богови, токму онака како што е запишано во книгата на пророците: ,Народе израелски! Дали Мене Ми принесувавте жртви и приноси додека патувавте низ пустината, цели четириесет години, доме Израелов?

43. Не, туку си направивте идоли, за да им се поклонувате: Со себе ги носевте шаторот - светилиште посветено на богот Молех и ѕвездата на богот Реифан! Затоа ќе ве предадам во ропство, и ќе ве одведат во далечниот Вавилон!‘

44. Додека патуваа низ пустината, нашите предци го носеа заветниот шатор. Така им заповеда Бог. Тој му рече на Мојсеј да го направи според моделот што му го беше покажал‘

45. Многу години подоцна, под водство на Јошуа го донесоа во земјата што ја одзедоа од паганските народи, кои Бог ги истера пред нив. Таму остана се до времето на царот Давид.

46. Бог му беше благонаклонет на Давид и затоа Давид се осмели да побара од Бог дозвола да најде место каде што ќе изгради храм во кој Израелците ќе Му служат на својот Бог.

47. Сепак, Божјиот храм го изгради Соломон.

48. Но Севишниот не живее во градби направени од човечка рака. Како што самиот Бог вели преку пророкот Исаија:

49. ,Небото Ми е престол, а Земјата - подножје на Моите нозе. Каков дом ќе Ми направите вие?‘ - вели Господ - ,Какво место ќе Ми најдете за Мое живеалиште?

50. Зарем не е се со Мојата рака создадено?‘

51. Вие сте тврдоглав народ! Длабоко во себе вие сте како паганите! Глуви сте за вистината! И вие, како и вашите предци, постојано Му се противите на Светиот Дух.

52. Посочете ми еден пророк што не беше прогонуван од вашите предци! Тие ги убија пророците што го претскажаа доаѓањето на Праведникот, на Месијата, а кога Тој дојде, вие се свртевте против Него, Го предадовте и Го убивте.

53. Ангели ви го пренесоа Божјиот Закон и пак не го почитувате!“

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 7