Нов Завет

Дела Ап. 7:12-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

12. Кога Јаков слушна дека во Египет има жито, ги испрати таму своите синови. Тоа беше нивната прва посета.

13. Кога и по вторпат отидоа во Египет, Јосиф им се откри на своите браќа. Така фараонот го запозна неговото семејство.

14. Потоа Јосиф испрати да го повикаат неговиот татко Јаков и сите негови роднини, седумдесет и петмина на број.

15. Така Јаков се досели во Египет. Таму умреа и тој и нашите прадедовци.

16. Подоцна, коските им беа пренесени во Шехем, каде што беа погребани во гробницата што Авраам со сребро ја беше купил од синовите на Хамор.

17. Како што се приближуваше времето Бог да го исполни ветувањето што му го даде на Авраам, нашиот народ во Египет се зголемуваше и намножуваше.

18. Но со Египет веќе владееше друг цар, кој не знаеше за Јосиф.

19. Тој скова заговор против нашиот народ, ги мачеше нашите предци и ги принудуваше да си ги напуштаат новороденчињата, за да не останат живи.

20. Во тоа време се роди Мојсеј, кој му беше мил на Бог. Три месеци беше одгледуван во домот на својот татко,

21. а потоа мораа да го остават, но го зеде ќерката на фараонот и го одгледа како свој син.

22. Така Мојсеј се запозна со целата мудрост на Египќаните и се стекна со големо теоретско и практично знаење.

23. Кога наполни четириесет години, му се роди во срцето желба да ги посети своите сонародници, Израелците.

24. Во текот на таа посета виде дека еден Египќанец насилно постапува со еден Евреин. Мојсеј го заштити Евреинот и во одмазда го уби Египќанецот.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 7