Нов Завет

Дела Ап. 5:23-37 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

23. „Затворот беше заклучен, со целото обезбедување и стража пред вратата, но кога влеговме внатре никого не најдовме!“

24. Кога го слушнаа ова, заповедникот на гардата во храмот и Првосвештеникот се збунија и се прашуваа, што треба да значи тоа!?

25. Тогаш дојде еден човек и им рече: „Оние што ги фрливте в затвор сега се во храмот и го поучуваат народот!“

26. Штом го чу ова заповедникот на гардата на храмот, со своите слуги, отиде и ги доведе апостолите, без да употреби сила, зашто се плашеше да не биде каменуван од народот.

27. Потоа ги изведоа пред Врховното собрание и Првосвештеникот почна да ги испрашува:

28. „Јас најстрого ви забранив да зборувате за Исус, а вие го исполнивте Ерусалим со вашето учење и сте решиле врз нас да ја префрлите вината за смртта на Тој Човек!“

29. Петар и другите апостоли му одговорија: „Треба да Му се покоруваме првенствено на Бог, а потоа и на луѓето што ни се претпоставени.

30. Вие Го убивте Исуса, Го распнавте на крст, но Богот на нашите татковци Го воскресна,

31. Го воздигна како наш Водач и Спасител, па Го постави на почесното место - од Својата десна страна, за да им даде можност на Израелците да се покаат и Бог да им ги прости гревовите.

32. За овие настани сведоци сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние што Му се послушни.“

33. Кога членовите на Врховното собрание го слушнаа ова, збеснаа и решија да ги убијат Христовите апостоли!

34. Но стана еден фарисеј по име Гамалиел, вероучител почитуван од целиот народ. Им нареди на апостолите да излезат за кратко.

35. Потоа му се обрати на собранието: „Луѓе Израелци, размислете добро што ќе сторите со овие луѓе!

36. Пред извесно време се беше кренал Тода, Кој за себе тврдеше дека е голем човек. Му се приклучија околу четиристотини луѓе. Тој беше убиен, а сите негови следбеници се распрснаа и исчезнаа.

37. По него, за време на пописот, се појави галилеецот Јуда и привлече многу народ по себе. И тој загина, па сите негови следбеници се разбегаа.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 5