Нов Завет

Дела Ап. 4:19-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

19. Но Петар и Јован им одговорија: „Самите проценете, дали Бог ќе се согласи повеќе да ве слушаме вас отколку Него!?

20. Не можеме да молчиме за она што го видовме и чувме!“

21. Членовите на Народниот совет им се заканија, но сепак ги ослободија. Не можеа да најдат ништо за што би можеле да ги казнат. А се плашеа дека и народот ќе крене бунт, зашто сите Го славеа Бога за чудото што се случи:

22. беше исцелен човек што повеќе од четириесет години бил сакат во нозете!

23. Веднаш штом беа ослободени, Петар и Јован се вратија меѓу своите пријатели христијани и им кажаа за се што им рекоа свештеничките поглавари и старешините.

24. Кога го чуја тоа, сите сложно повикаа кон Бог и рекоа: „Семоќен Господару, Создателе на небото и Земјата, на морињата и на сите суштества во нив!

25. Ти, преку Светиот Дух, го поттикна нашиот прататко Давид да ги искаже следниве стихови: ,Зошто беснеат паганските народи, луѓето коваат залудни завери?

26. Цареви по Земјата се креваат и владетели се здружуваат, против Господ и против Неговиот Помазаник.‘

27. Токму тоа се случи овде, во овој град: царот Ирод Антипа, гувернерот Понтиј Пилат, пагани и Израелци, се здружија против Исус, Твојот свет Слуга, Кого Ти Го определи за Месија.

28. Но се што сторија тие претставува исполнување на она што го определија Твојата рака и Твојата мудрост.

29. Ги гледаш сега, Господе, нивните закани! Дај им на Своите слуги смелост да ја проповедаат Твојата порака!

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 4