Нов Завет

Дела Ап. 4:13-26 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

13. Членовите на Народниот совет се зачудија кога ја видоа смелоста на Петар и Јован, зашто беше очигледно дека тие се обични, необразовани луѓе. А ги препознаа дека тие луѓе беа со Исус.

14. Но човекот што беше исцелен стоеше тука, пред нив, и тие немаа што да приговорат.

15. Тогаш им наредија на Петар и Јован да излезат надвор од собранието, а тие почнаа да се советуваат:

16. „Што да правиме со овие луѓе? Големо чудо се случи преку нив и тоа на сите во Ерусалим им е познато. Тоа не можеме да го порекнеме.

17. Но можеби можеме да ги запреме да го шират тоа учење меѓу народот. Да им забраниме никому повеќе да не му зборуваат за Исус!“

18. Ги повикаа апостолите внатре и им наредија ништо да не зборуваат за Исус, ниту да поучуваат во Негово име.

19. Но Петар и Јован им одговорија: „Самите проценете, дали Бог ќе се согласи повеќе да ве слушаме вас отколку Него!?

20. Не можеме да молчиме за она што го видовме и чувме!“

21. Членовите на Народниот совет им се заканија, но сепак ги ослободија. Не можеа да најдат ништо за што би можеле да ги казнат. А се плашеа дека и народот ќе крене бунт, зашто сите Го славеа Бога за чудото што се случи:

22. беше исцелен човек што повеќе од четириесет години бил сакат во нозете!

23. Веднаш штом беа ослободени, Петар и Јован се вратија меѓу своите пријатели христијани и им кажаа за се што им рекоа свештеничките поглавари и старешините.

24. Кога го чуја тоа, сите сложно повикаа кон Бог и рекоа: „Семоќен Господару, Создателе на небото и Земјата, на морињата и на сите суштества во нив!

25. Ти, преку Светиот Дух, го поттикна нашиот прататко Давид да ги искаже следниве стихови: ,Зошто беснеат паганските народи, луѓето коваат залудни завери?

26. Цареви по Земјата се креваат и владетели се здружуваат, против Господ и против Неговиот Помазаник.‘

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 4