Нов Завет

Дела Ап. 4:1-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Додека Петар и Јован уште му зборуваа на народот, им пријдоа неколку свештеници, заповедникот на гардата во ерусалимскиот храм и неколку садукеи.

2. Тие беа многу вознемирени поради тоа што апостолите го учеа народот и, повикувајќи се на воскреснатиот Исус, тврдеа дека постои воскресение на мртвите.

3. Ги фатија и ги фрлија в затвор до следниот ден, зашто веќе беше вечер.

4. Мнозина од оние што ја слушнаа проповедта на апостолите поверуваа, па бројот на христијаните се зголеми на околу пет илјади, сметајќи ги тука само возрасните мажи.

5. Утредента се состана Народниот совет составен од сите управници, старешини и вероучители во Ерусалим.

6. Дојде Првосвештеникот Анан, дојдоа и Кајафа, Јован, Александар, како и сите други роднини на Првосвештеникот.

7. Ги доведоа Јован и Петар, ги поставија на средината, па почнаа да ги испрашуваат: „Кој ви даде право, кој ве овласти да го правите ова?“

8. Исполнет со Светиот Дух, Петар им рече: „Управници и старешини на народот!

9. Ако денес не испрашувате за доброто дело спрема сакатиот човек, ако сакате да дознаете како беше исцелен, тогаш,

10. знајте и вие и сиот израелски народ, дека човекот пред ваши очи застана на свои нозе во името на Исус Христос од Назарет, Кого вие Го распнавте, а Бог Го воскресна од мртвите!

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 4