Нов Завет

Дела Ап. 28:12-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

12. Стигнавме во Сиракуза и таму останавме три дена.

13. Оттаму, пловејќи покрај брегот, стигнавме во Регија. Утредента дувна јужен ветер, па по два дена стигнавме во Путеоли.

14. Таму најдовме неколку христијани, кои не поканија да останеме кај нив седум дена. Потоа продолживме кон Рим.

15. Тамошните христијани, откако слушнале за нас, дојдоа да не пречекаат уште кај Форумот на Апиј, а други ни се придружија кај Трите Крчми. Кога Павле ги виде, Му заблагодари на Бог и се охрабри.

16. Сега, кога веќе беше во Рим, на Павле му беше дозволено да живее каде што сака, чуван од само еден војник.

17. По три дена Павле ги повика водачите на тамошните Евреи и им рече: „Јас, браќа, иако не направив ништо што би било на штета на нашиот народ или на обичаите на нашите предци, бев уапсен од Евреи во Ерусалим и предаден на римската власт.

18. Римјаните, откако ме сослушаа, сакаа да ме ослободат, бидејќи не најдоа никаква вина што би заслужувала смртна казна,

19. но кога Евреите се противставија на тоа, иако не можеа против мене да изнесат никакво обвинение, јас бев принуден да барам заштита од императорот.

20. Затоа ве викнав, за да се запознаам со вас и да ви објаснам дека јас ги носам овие окови поради тоа што верувам оти она на што се надеваше Израел - Месијата, веќе дојде.“

21. Тие му одговорија: „Ние ниту сме добиле писмо во врска со тебе од Јудеја, ниту пак некој наш брат дошол да ни каже нешто лошо за тебе.

22. Сакаме од тебе да слушнеме што мислиш ти за христијанството, зашто слушаме дека насекаде се зборува против него.“

23. Определија ден и многумина дојдоа во неговата изнајмена куќа, а тој од утро до мрак им објаснуваше и им говореше за Божјото царство, ги уверуваше за Исус, читајќи им од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците.

24. Некои се убедија од она што беше кажано, а некои не поверуваа.

25. Се појавија несогласувања, па почнаа да си заминуваат, а Павле им рече: „Во право беше Светиот Дух кога преку пророкот Исаија за вашите предци рече:

26. ,Оди кај овој народ и речи му: Ќе го слушате Моето Слово, но нема да го разберете; ќе ги гледате Моите дела, но нема да ги сфатите!

27. Зашто, срцата на овие луѓе им се закоравени! Со ушите одвај слушаат, а очите си ги затвораат! Не сакаат да видат, да слушнат, да разберат, па да се свртат кон Мене за да ги исцелам!‘

28. Затоа сакам да знаете дека ова спасение од Бог е испратено и за нееврејските народи и тие ќе го прифатат!“

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 28