Нов Завет

Дела Ап. 27:9-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

9. Изгубивме многу време и повеќе не беше безбедно да се плови, зашто веќе беше поминал и Големиот есенски пост, па Павле ги советуваше одговорните на бродот:

10. „Луѓе, гледам дека пловидбата тешко ќе оди и ќе има големи опасности, не само за товарот и бродот, туку и за нашите животи.“

11. Меѓутоа офицерот повеќе им веруваше на кормиларот и на сопственикот на бродот, отколку на она што го рече Павле.

12. Ова пристаниште не беше погодно за презимување, па мнозинството реши да отпловиме оттаму и да се обидеме да допловиме до Феникс, па да презимиме во тоа критско пристаниште, свртено и кон југозапад и кон северозапад.

13. Кога дувна тивок јужен ветер, морнарите мислеа дека условите се поволни, па ја дигнаа котвата и запловија крај брегот на Крит.

14. Но по кратко време дувна против нас ветер со ураганска сила, наречен североисточник.

15. Зафатени од ветерот и не можејќи да пловиме наспроти него, кренавме раце и се препуштивме ветерот да не носи.

16. Кога поминавме во завет на едно островче наречено Кавда, одвај успеавме да го зачуваме чамецот за спасување, кој беше трескан од брановите.

17. Морнарите го качија горе и го врзаа со јажиња за бродот. Постоеше опасност да заринкаме на песочните наноси кај Сирт, па затоа ја спуштија котвата и го оставија бродот слободно да плови.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 27