Нов Завет

Дела Ап. 26:18-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

18. за да им ги отвориш очите, па да се обратат од темнина кон светлина, од власта на Сатаната кон Бог. Така ќе добијат простување за своите гревови и наследство заедно со сите други што станаа Божји народ, одбрани преку вера во Мене.‘

19. Така, царе Агрипа, јас не откажав послушност спрема ова видение што ми дојде од небото.

20. Почнав да им проповедам, најпрво на Евреите во Дамаск, а потоа во Ерусалим и во сите области на Јудеја. Потоа продолжив да им проповедам и на нееврејските народи, да им објаснувам дека треба да се покаат и да се свртат кон Бог, и со своето поведение на дело да потврдат дека навистина се покајале.

21. Поради ова, додека бев во храмот, група Евреи ме фатија и се обидоа да ме убијат.

22. Но се до денешен ден Бог ми беше на помош и еве стојам овде и им сведочам на сите, на обични луѓе и на моќници. Не проповедам ништо различно од она што е веќе претскажано од пророците и од Мојсеј:

23. дека Месијата требаше да настрада и дека како првовоскреснат од мртвите Тој им ја покажа светлината и на Евреите и на сите други народи.“

24. Ненадејно Фест стана и почна да вика: „Си споулавел, Павле! Од многу читање си се мрднал од умот!“

25. „Не сум споулавел, честити Фесте!“ - рече Павле. „Тоа што го зборувам е разумно и вистинито!

26. Царот Агрипа добро ги познава овие работи и затоа јас толку слободно зборувам пред него. Уверен сум дека ништо од сево ова не му е непознато, бидејќи ова не се одигруваше во некое зафрлено ќоше!

27. Верувате ли, царе Агрипа, во она што го пишале пророците? Знам дека верувате!“

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 26