Нов Завет

Дела Ап. 25:5-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

5. па ако тие имаат нешто против Павле нека дојдат со Фест неколку поистакнати луѓе кои ќе поведат обвинение против него.

6. По осум до десет дена, Фест се врати во Цезареја. Следниот ден седна во судот и нареди да го доведат Павле.

7. Околу него се насобраа Евреите кои беа дошле од Ерусалим и изнесоа многу тешки обвиненија против Павле, но не можеа да ги докажат.

8. Павле, бранејќи се, рече: „Јас не сум згрешил ни против еврејскиот Закон, ни против храмот, ниту против императорот!“

9. Фест, сакајќи да им угоди на Евреите, му рече на Павле: „Дали сакаш да одиме во Ерусалим и таму да ти судам во врска со ова?“

10. Павле рече: „Не! Ова е суд на Римската империја и овде треба да ми биде судено. На Евреите ништо лошо не сум им сторил, како што и самиот знаете.

11. Ако сум навистина виновен, ако сум направил нешто што заслужува смртна казна, јас не се противам таа и да се изврши. Но ако обвинувањата против мене се неосновани, никој нема право да ме предаде на овие луѓе да ме убијат! Сакам да се жалам пред императорот!“

12. Тогаш Фест се посоветува со судскиот совет и му одговори: „Добро, штом сакаш да се жалиш пред императорот, ќе те пратам кај императорот!“

13. По неколку дена, во Цезареја дојдоа царот Агрипа и неговата сестра Берника, за да му честитаат на Фест, кој неодамна стана нов гувернер.

14. Во текот на нивниот неколкудневен престој, Фест му го изложи на царот случајот на Павле, велејќи: „Имам еден неосуден затвореник, останат уште од времето на Феликс.

15. Кога бев во Ерусалим, еврејските Првосвештеници и старешини го обвинија пред мене и побараа да го осудам.

16. Се разбира, јас им одговорив дека Римјаните немаат обичај да ги осудуваат обвинетите, без да им дадат можност да се соочат со обвинителите и да ја изложат својата одбрана.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 25