Нов Завет

Дела Ап. 25:15-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

15. Кога бев во Ерусалим, еврејските Првосвештеници и старешини го обвинија пред мене и побараа да го осудам.

16. Се разбира, јас им одговорив дека Римјаните немаат обичај да ги осудуваат обвинетите, без да им дадат можност да се соочат со обвинителите и да ја изложат својата одбрана.

17. Затоа тие дојдоа овде и јас без одлагање, веќе следниот ден, седнав во судот и наредив да го доведат човекот.

18. Кога обвинителите станаа да зборуваат, обвиненијата што ги изнесоа воопшто не беа толку страшни колку што јас очекував.

19. Се препираа околу нивната вера, за некојси Исус, Кој умрел, а за Кого Павле тврдеше дека е жив.

20. Јас не бев сигурен како да ја водам истрагата, па го прашав Павле дали би сакал да му биде судено во Ерусалим.

21. Но Павле се повика на правото да се жали пред императорот и јас наредив да остане под стража, се додека не извршам подготовки да го испратам кај императорот.“

22. Агрипа му рече на Фест: „И јас би сакал да го сослушам тој човек!“ “Утре ќе го сослушате!“ - му рече Фест.

23. И така, утредента дојдоа Агрипа и Берника со голема помпезност и влегоа во судската сала, придружувани од офицери и угледни личности од градот. Потоа Фест нареди да го доведат Павле.

24. Фест рече: „Царе Агрипа и сите што сте овде со нас. Пред вас е човекот за кого целата еврејска заедница, и овде и во Ерусалим, бара смртна казна.

25. Јас утврдив дека тој не направил никаков престап што би заслужувал смртна казна, но тој побара да биде испратен кај императорот и јас го одобрив тоа.

26. Но јас не знам што да му напишам на нашиот владетел! Затоа го изведов пред сите Вас, а особено пред вас, царе Агрипа, за да го сослушаме па да знам што да напишам,

27. зашто ми се чини дека е бесмислено кај императорот да испратам затвореник, а да не ги изложам и обвиненијата против него!“

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 25