Нов Завет

Дела Ап. 25:1-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Три дена по преземањето на власта во покраината, Фест отпатува од Цезареја за Ерусалим.

2. Таму Првосвештениците и еврејските челници му го изнесоа своето обвинение против Павле, па го молеа

3. да им направи услуга и да го префрли Павле во Ерусалим, а всушност коваа заговор по пат да го убијат.

4. Но Фест им одговори дека Павле ќе биде задржан во Цезареја, каде што и тој самиот има намера набргу да се врати,

5. па ако тие имаат нешто против Павле нека дојдат со Фест неколку поистакнати луѓе кои ќе поведат обвинение против него.

6. По осум до десет дена, Фест се врати во Цезареја. Следниот ден седна во судот и нареди да го доведат Павле.

7. Околу него се насобраа Евреите кои беа дошле од Ерусалим и изнесоа многу тешки обвиненија против Павле, но не можеа да ги докажат.

8. Павле, бранејќи се, рече: „Јас не сум згрешил ни против еврејскиот Закон, ни против храмот, ниту против императорот!“

9. Фест, сакајќи да им угоди на Евреите, му рече на Павле: „Дали сакаш да одиме во Ерусалим и таму да ти судам во врска со ова?“

10. Павле рече: „Не! Ова е суд на Римската империја и овде треба да ми биде судено. На Евреите ништо лошо не сум им сторил, како што и самиот знаете.

11. Ако сум навистина виновен, ако сум направил нешто што заслужува смртна казна, јас не се противам таа и да се изврши. Но ако обвинувањата против мене се неосновани, никој нема право да ме предаде на овие луѓе да ме убијат! Сакам да се жалам пред императорот!“

12. Тогаш Фест се посоветува со судскиот совет и му одговори: „Добро, штом сакаш да се жалиш пред императорот, ќе те пратам кај императорот!“

13. По неколку дена, во Цезареја дојдоа царот Агрипа и неговата сестра Берника, за да му честитаат на Фест, кој неодамна стана нов гувернер.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 25