Нов Завет

Дела Ап. 24:18-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

18. Овие што ме обвинуваат ме видоа во храмот кога веќе го бев завршил церемонијалното исчистување. Околу мене ниту имаше насобрано луѓе, ниту имаше некаков бунт.

19. Имаше само неколку Евреи дојдени од покраината Азија, кои требаше да бидат присутни, и ако имале нешто против мене, овде пред Вас нека го изнесат.

20. Нека кажат овие што дојдоа да ме обвинат, какво злосторство најдоа во мене кога ме изведоа пред еврејското народно собрание,

21. освен тоа што гласно изјавив: ,Денеска овде мене ми се суди затоа што верувам во воскресението на мртвите!‘“

22. Тогаш Феликс, кој добро го познаваше Христовото учење, го одложи сослушувањето, со вакво образложение: „Ќе почекаме полковникот Лисија да дојде овде. Тогаш ќе пресудам во врска со вашиот случај.“

23. Потоа му нареди на офицерот да го задржат Павле во притвор, но да му дадат извесна слобода и да не спречуваат никој од неговите блиски да го посетува и да му помага.

24. По неколку дена, дојде Феликс со својата жена Друсила, која беше Еврејка. Го повикаа Павле да им зборува за верата во Исус Христос.

25. Додека тој зборуваше за праведноста, за зауздување на телесните страсти и за Божјиот суд што претстои, Феликс се исплаши и му рече: „Оди си сега! Кога ќе имам време, пак ќе те викнам.“

26. Феликс, всушност, се надеваше дека од Павле ќе добие мито и затоа честопати го викаше и разговараше со него.

27. Така поминаа цели две години. Тогаш на местото на Феликс дојде Порциј Фест. Сакајќи да им угоди на Евреите, Феликс го остави Павле в затвор.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 24