Нов Завет

Дела Ап. 23:18-35 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

18. Офицерот го одведе и му рече на полковникот: „Затвореникот Павле ме викна и ме замоли да го доведам ова момче кај вас, зашто имало нешто важно да ви каже.“

19. Полковникот го фати за рака момчето, го одведе настрана и го праша: „Што сакаш да ми кажеш?“

20. Момчето му рече: „Евреите се договорија да ве замолат утре да го доведете Павле во собранието, како божем да имаат намера поподробно да го испрашаат.

21. Немојте да ги послушате, зашто повеќе од четириесетмина Евреи му поставија заседа за да го убијат! Се заколнале дека нема да јадат и пијат, се додека не го убијат. Веќе демнат во заседа и чекаат само вие да го одобрите нивното барање.“

22. Полковникот го пушти момчето, наредувајќи му на никого да не кажува дека го известил за заговорот.

23. Потоа полковникот викна двајца од своите офицери и им рече: „Одберете двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, и наредете им да се подготват вечерва во девет часот да заминат за Цезареја.

24. Обезбедете за Павле добиток за јавање, за безбедно да го одведете кај гувернерот Феликс.“

25. Потоа напиша писмо за гувернерот, со следнава содржина:

26. „Од Клавдиј Лисиј, до почитуваниот гувернер Феликс. Ве поздравувам!

27. Ви испраќам еден човек кого Евреите го беа фатиле и се подготвуваа да го убијат. Кога дознав дека е римски граѓанин јас отидов со војска и го ослободив.

28. Сакајќи да дознаам за што го обвинуваат Евреите, го изведов пред нивното собрание.

29. Така дознав дека го обвинуваат за работи од нивниот верски Закон, но не беше виновен за нешто што заслужува смртна казна, или затвор.

30. Откако ми беше јавено дека против овој човек се подготвува заговор, со закана да го убијат, веднаш го испраќам кај Вас, а ги известив и оние што имаат обвинение против него да дојдат кај Вас, и таму да ги изнесат своите обвиненија.“

31. Уште истата ноќ, војниците го одведоа Павле до Антипатрида, како што им беше наредено.

32. Следниот ден, пешаците се вратија во воената тврдина, а коњаниците го одведоа кон Цезареја.

33. Кога пристигнаа во Цезареја, му ги предадоа писмото и Павле на гувернерот Феликс.

34. Гувернерот го прочита писмото и го праша Павле од која покраина потекнува, па кога дозна дека е од Киликија

35. му рече: „Ќе те сослушам кога ќе пристигнат и твоите обвинители.“ Потоа нареди да го одведат и да го чуваат под стража во Иродовата палата.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 23