Нов Завет

Дела Ап. 23:1-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Со вперен поглед кон членовите на собранието, Павле им рече: „Браќа, мојата совест пред Бога е чиста се до денес!“

2. Тогаш Првосвештеникот Ананија им нареди на оние што стоеја покрај Павле да го удрат по устата.

3. Павле му одговори: „Бог ќе те удри тебе, ѕиду варосан! Си седнал да ме судиш според законот, а наредуваш да ме удираат, спротивно на законот!“

4. Оние што стоеја до Павле му рекоа: „Како се осмелуваш да го навредуваш Божјиот Првосвештеник!?“

5. Тогаш Павле им се извини: „Не знаев, браќа, дека тој е Првосвештеник, зашто во Светото Писмо пишува: ,Не зборувај лошо за водачот на својот сопствен народ!‘“

6. Кога Павле забележа дека дел од членовите на собранието се садукеи, а дел се фарисеи, гласно рече: „Браќа, јас сум фарисеј! Сите мои предци биле фарисеи! Овде ми се суди заради тоа што верувам дека ќе има воскресение од мртвите!“

7. Тоа предизвика расправија меѓу фарисеите и садукеите, па во собранието дојде до поделба.

8. Садукеите тврдеа дека нема ни воскресение, ни ангели, ни духови, а фарисеите веруваат во сето ова.

9. Настана голема викотница. Неколку вероучители од фарисеите станаа и почнаа жестоко да се препираат со садукеите, велејќи: „Не гледаме ништо лошо кај овој човек! Можеби навистина му се јавил дух или ангел и му зборувал!“

10. Расправијата стануваше се пожестока, па полковникот се исплаши дека ќе го растргнат Павле на парчиња. Затоа нареди војниците да го тргнат оттаму и да го вратат во воената тврдина.

11. Таа ноќ Господ му се појави на Павле и му рече: „Држи се храбро, зашто за Мене ќе треба да проповедаш и во Рим онака како што сведочеше овде во Ерусалим!“

12. Кога се раздени, група Евреи сковаа заговор. Се заколнаа дека нема ни да јадат, ни да пијат, се додека не го убијат Павле.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 23