Нов Завет

Дела Ап. 21:19-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

19. Откако разменија поздрави, Павле подробно им раскажа што се Бог направи преку него меѓу нееврејските народи, во текот на неговата мисија.

20. Кога го ислушаа, му благодарија на Бог. Потоа му рекоа на Павле: „Брате, ти гледаш колку илјадници Евреи станаа христијани и сите тие многу ревносно се придржуваат кон Мојсеевиот Закон.

21. Тие чуле дека ти си ги поучувал Евреите кои живеат меѓу нееврејските народи да го напуштат Мојсеевиот Закон, односно да не ги обрежуваат своите машки деца и да не се придржуваат до обичаите.

22. Што ќе правиме сега? Тие сигурно ќе разберат дека си дошол овде.

23. Затоа ние имаме предлог: меѓу нас има четворица мажи што се заветувале, па се подготвуваат да си ги избричат главите.

24. Оди со нив во храмот и придружи им се во церемонијата на исчистување, плати им да си ги избричат главите и сите ќе знаат дека она што го слушнале не е вистина, туку дека и самиот ти се придржуваш до еврејските закони.

25. Што се однесува до неевреите - христијани, се што ние бараме од нив, веќе им го напишавме во писмо: да не јадат храна наменета како жртва на идоли, да не консумираат крв, да не јадат месо од задавени животни и да се пазат од блуд.“

26. Павле се согласи и веќе следниот ден, заедно со тие луѓе, ја изврши церемонијата на исчистување. Потоа влезе во храмот и го објави датумот кога нивниот завет ќе биде исполнет и кога за секој од нив ќе биде принесена жртва.

27. Токму кога седумте дена беа при крај група Евреи од покраината Азија го видоа Павле во храмот, го фатија, па поттикнаа бунт кај народот,

28. викајќи: „Израелци! Помагајте! Овој е човекот кој секаде каде што оди ги учи луѓето против нашиот народ, им кажува да не се придржуваат до еврејските верски закони и зборува против овој храм! Тој дури се осмели во храмот да доведе неевреи и така да го оскверни ова свето место!“

29. (Тие претходно го беа виделе во градот ефешанецот Трофим во друштво со Павле и мислеа дека тој го довел и во храмот.)

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 21