Нов Завет

Дела Ап. 21:1-7 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Откако во Милет се збогувавме со старешините на црквата од Ефес, испловивме накај островот Кос. Следниот ден стигнавме до Родос, а оттаму до Патара.

2. Најдовме брод што оди за сириската покраина Феникија, па се качивме и отпловивме.

3. Поминавме покрај Кипар, кој ни остана одлево, па продолживме да пловиме накај Сирија и пристигнавме во пристаништето Тир, каде што бродот требаше да го растовари товарот.

4. Слеговме од бродот, ги најдовме тамошните христијани и останавме со нив седум дена. Тие, откако Светиот Дух им откри што ќе се случи со Павле, го советуваа да не оди во Ерусалим.

5. Кога завршија седумте дена, тргнавме да си одиме. Сите христијани: мажи, жени и деца, се собраа да не испратат, па одеа со нас се до излезот од градот, а на брегот клекнавме на колена и се помоливме.

6. Се збогувавме и се качивме на бродот, а тие се вратија во своите домови.

7. Заминувајќи од Тир, пристигнавме во пристаништето Птолемаида. Се поздравивме со тамошните христијани и останавме со нив еден ден.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 21