Нов Завет

Дела Ап. 20:24-37 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

24. Но тоа не ме плаши. Мојот живот би немал вредност доколку не го искористам за да ја извршам мисијата што ми ја довери Господ Исус: да им ја проповедам на луѓето Радосната вест за Божјата милосрдна благонаклоност.

25. Сега знам дека никој од вас со кои живеев и ви проповедав за Божјото царство нема повеќе да ме види.

26. Затоа сакам јасно и гласно да ви кажам денес дека, ако некој од вас заврши во вечна смрт, јас за тоа не сум одговорен.

27. Не пропуштив ништо од Божјиот план за луѓето, туку во целост ви го објавив.

28. Внимавајте и на себе и на целото Божјо стадо во кое Светиот Дух ве поставил за надзорници. Бидете пастири на Божјата Црква која Тој ја откупи со сопствената крв.

29. Знам дека откако јас ќе си заминам, ќе ви доаѓаат лажни пастири кои како свирепи волци ќе ве напаѓаат и нема да го штедат стадото.

30. Од самите вас ќе произлезат луѓе што ќе ја изопачуваат вистината за да повлечат по себе дел од Христовите следбеници.

31. Затоа, бидете на штрек! Не заборавајте дека три години деноноќно, без престан, со солзи во очите, го советував секој од вас поединечно.

32. Сега ве предавам под Божјата грижа и поука од пораката за Неговата милосрдна благонаклоност спрема вас. Таа порака има моќ да ве изградува и да ви даде наследство заедно со сите што Бог ги избра и посвети.

33. Од никого не барав пари или облеки.

34. Вие и самите знаете дека за моите потреби и за потребите на оние што ме придружуваа јас работев со сопствените раце.

35. На тој начин ви покажав како со вредно работење може да им се помогне на сиромашните. Не заборавајте што ни порача Самиот Господ Исус: ,Поблагословен е тој што дава, отколку тој што добива‘.“

36. Кога го рече ова, клекна на колена со нив и се молеше.

37. Сите заплакаа на глас, и збогувајќи се, го гушкаа и го бакнуваа.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 20