Нов Завет

Дела Ап. 2:33-47 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

33. Откако беше вознесен и поставен од десната страна на Бог, и откако го прими Светиот Дух што Му беше ветен од небесниот Татко, Го излеа врз нас, како што вие сега гледате и слушате.

34. Зашто, самиот Давид не се вознесе на небото, а сепак рече: “Му рече Јахве на мојот Господ: ,Седни на почесното место, од Мојата десна страна,

35. додека не ги претворам Твоите непријатели во чергиче што ќе го газат стапалата Твои!‘“

36. Затоа нека знаат сите Израелци и нека бидат уверени дека Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Месија!“

37. Ова што го слушнаа до срце ги прободе, па им рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе, браќа, што да правиме?“

38. Петар им одговори: „Секој од вас треба да се покае за своите гревови, и да се крсти во името на Исус Христос, за да ви бидат простени гревовите. Потоа ќе ви биде подарен Светиот Дух, а со Него и духовни дарби.

39. Ветувањето што Бог му го даде на Давид се однесува на вас, на вашите деца, како и на неевреите, и на сите што Господ, нашиот Бог, ќе ги повика.“

40. Со овие, и со многу други зборови Петар им проповедаше и ги повикуваше: „Спасете се од ова расипано поколение!“

41. Во тој ден околу три илјади души искрено ги прифатија неговите зборови, па се крстија и се приклучија кон христијаните.

42. Тие се посветија на учење од апостолите, на заедничките собири, на редовно учество на Господовата вечера и на молитви.

43. Кај народот се појави страв, зашто апостолите правеа многу чуда и видливи докази.

44. Сите христијани се здружија и се што имаа им беше заедничко.

45. Ги продаваа своите имоти и наследства и на секого му даваа според неговите потреби.

46. Секој ден се собираа во храмот, сложни и посветени. Организираа Господова вечера по домовите и секој ја делеше својата храна со другите, радосно и со чисто срце.

47. Го славеа Бога и беа омилени кај сите луѓе. А Господ секојдневно им придодаваше новоспасени души.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 2