Нов Завет

Дела Ап. 2:30-46 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

30. Но бидејќи беше пророк и знаеше дека Бог му се беше заколнал оти потомок од неговите бедра ќе седи на неговиот престол,

31. претскажувајќи за тоа, тој зборуваше за воскреснувањето на Христос, Кој, ниту беше оставен во гробот, ниту Неговото тело доживеа распаѓање.

32. Бог Го воскресна Исуса и сите ние сме сведоци за тоа.

33. Откако беше вознесен и поставен од десната страна на Бог, и откако го прими Светиот Дух што Му беше ветен од небесниот Татко, Го излеа врз нас, како што вие сега гледате и слушате.

34. Зашто, самиот Давид не се вознесе на небото, а сепак рече: “Му рече Јахве на мојот Господ: ,Седни на почесното место, од Мојата десна страна,

35. додека не ги претворам Твоите непријатели во чергиче што ќе го газат стапалата Твои!‘“

36. Затоа нека знаат сите Израелци и нека бидат уверени дека Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Месија!“

37. Ова што го слушнаа до срце ги прободе, па им рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе, браќа, што да правиме?“

38. Петар им одговори: „Секој од вас треба да се покае за своите гревови, и да се крсти во името на Исус Христос, за да ви бидат простени гревовите. Потоа ќе ви биде подарен Светиот Дух, а со Него и духовни дарби.

39. Ветувањето што Бог му го даде на Давид се однесува на вас, на вашите деца, како и на неевреите, и на сите што Господ, нашиот Бог, ќе ги повика.“

40. Со овие, и со многу други зборови Петар им проповедаше и ги повикуваше: „Спасете се од ова расипано поколение!“

41. Во тој ден околу три илјади души искрено ги прифатија неговите зборови, па се крстија и се приклучија кон христијаните.

42. Тие се посветија на учење од апостолите, на заедничките собири, на редовно учество на Господовата вечера и на молитви.

43. Кај народот се појави страв, зашто апостолите правеа многу чуда и видливи докази.

44. Сите христијани се здружија и се што имаа им беше заедничко.

45. Ги продаваа своите имоти и наследства и на секого му даваа според неговите потреби.

46. Секој ден се собираа во храмот, сложни и посветени. Организираа Господова вечера по домовите и секој ја делеше својата храна со другите, радосно и со чисто срце.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 2