Нов Завет

Дела Ап. 2:14-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

14. Тогаш стана Петар, заедно со другите единаесет апостоли, и гласно им се обрати на насобраните: „Луѓе, Евреи и сите други што живеете во Ерусалим! Ова треба да го знаете! Послушајте ме што ќе ви кажам:

15. Овие луѓе не се пијани, како што некои од вас претпоставуваат, зашто одвај е девет часот наутро.

16. Ова што се случи утрово е исполнување на она што беше претскажано преку пророкот Јоел:

17. ,Во последните денови‘ - вели Бог,ќе излеам од Мојот Дух врз сите луѓе, па ќе пророкуваат синовите и ќерките ваши, момчињата ќе имаат виденија, а старците ќе сонуваат соништа.

18. Во тие денови ќе излеам од Мојот Дух врз сите Мои слуги и слугинки, и тие ќе пророкуваат.

19. Ќе правам чуда горе на небесата и видливи докази долу на Земјата - крв и оган и столбови од чад.

20. Сонцето ќе поцрни, а Месечината ќе се вцрви како крв, пред да дојде тој голем и славен Господов ден.

21. Тогаш секој што ќе го повика името Господово ќе биде спасен.‘

22. Израелци, слушнете ги овие зборови: Бог јавно го поддржа Исуса од Назарет, со тоа што преку Него изврши многу чуда, несекојдневни работи и чудотворни докази. Тоа и самите добро го знаете.

23. Но се случи онака како што беше определено и предвидено од сезнајниот Бог: вие Го предадовте Исуса и со помош на еден паганин, Го распнавте на крст и Го убивте.

24. Но Бог Го воскресна, ослободувајќи Го од смртта која очајнички настојуваше да Го задржи, но не можеше.

25. За Него, Давид вели: ?Знам дека Господ е постојано со мене, Тој ми е оддесно - нема да потклекнам!

26. Поради тоа срцето ми е весело, и душата ми се радува; а и телото во надеж ќе ми почива,

27. зашто Ти во гробот нема да ме оставиш, ниту ќе дозволиш Твојот Светец да доживее распаѓање.

28. Ти ми го објави патот на животот, Твоето присуство ќе ме исполни со радост.‘

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 2