Нов Завет

Дела Ап. 19:23-38 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

23. Во тоа време во Ефес настанаа големи немири заради Христовото учење.

24. Еден златар по име Димитри, кој изработуваше сребрени модели од храмот на божицата Артемида и на тој начин се богатеа и тој и неговите соработници,

25. ги собра сите што се занимаваа со оваа и слична работа и им рече: „Луѓе, вие знаете дека нашето богатство доаѓа од овој занает.

26. Гледате и слушате дека не само во Ефес, туку речиси во цела Азија, овој човек, Павле, разубеди и одврати многу луѓе, велејќи им дека овие предмети направени од човечка рака не се богови.

27. Постои опасност не само нашиот занает да падне во немилост, туку и храмот на големата божица Артемида сосема да ја загуби својата важност, да исчезне нејзината величественост што ја почитуваат цела Азија и целиот свет!“

28. Кога го слушнаа ова, збеснаа и почнаа да викаат: „Голема е Артемида, божицата на Ефес!“

29. Во градот настана мешаница и откако ги фатија Македонците Гај и Аристарх, сопатници на Павле, сите се собраа во градскиот амфитеатар.

30. Павле сакаше да се појави пред насобраната толпа, но тамошните христијани го одвратија од таквата намера,

31. а и некои луѓе од власта што му беа пријатели му испратија порака, молејќи го да не се појавува во амфитеатарот.

32. Собирот се претвори во бркотница. Едни викаа едно, други друго, а повеќето воопшто не знаеја за што се собрани.

33. Евреите го посочија Александар и го изведоа напред, а тој замавна со раката за да ги смири и да даде објаснување пред толпата,

34. но кога слушнаа дека тој е Евреин, сите во еден глас викаа речиси два часа: „Голема е Артемида, божицата на Ефес!“

35. Најпосле градоначалникот ја смири толпата и рече: „Граѓани на Ефес! Има ли некој што не знае дека Ефес е град заштитник на храмот на големата божица Артемида и на кипот што ни падна од небото!?

36. Ова никој не може да го оспори, затоа треба да се смирите и да не правите ништо непромислено.

37. Овие луѓе, што сте ги довеле овде, ниту го ограбиле храмот, ниту пак зборувале против нашата божица.

38. Ако Димитри и занаетчиите што се со него имаат некакво обвинение против овие луѓе, постојат судови и судии, па таму нека се судат.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 19