Нов Завет

Дела Ап. 19:1-8 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Додека Аполос беше во Коринт, Павле патуваше низ внатрешноста, во околината на Ефес, а потоа се симна во градот. Таму најде неколку нови Христови следбеници,

2. и ги праша: „Го примивте ли Светиот Дух кога поверувавте?“ Тие му одговорија: „Ние и не знаеме дека постои Свет Дух!“

3. Тогаш Павле ги праша: „А како сте крстени?“ “Онака како што крштаваше Јован Крстител“ - му одговорија тие.

4. Павле им рече: „Јован ги крштаваше луѓето кои се каеја поради своите гревови. И самиот тој им велеше на луѓето дека е неопходно да веруваат во Оној што доаѓа веднаш по него, а тоа беше Исус.“

5. Кога го слушнаа ова, одново се крстија, овојпат во името на Господ Исус.

6. Потоа Павле се помоли за нив, положувајќи ги над нив рацете и Светиот Дух слезе врз нив, па тие почнаа да зборуваат на други јазици и да пророкуваат.

7. Во таа група беа околу дванаесет мажи.

8. Потоа Павле одеше во ефешката синагога три месеци каде со голем жар им проповедаше на Евреите, се расправаше со нив и ги убедуваше во врска со Божјото царство.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 19