Нов Завет

Дела Ап. 18:13-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

13. изнесувајќи го против него следново обвинение: „Овој човек ги наговара луѓето да Му пристапуваат на Бог на начин што е спротивен на нашиот верски Закон!“

14. Пред Павле уста да отвори, Галио се сврте накај Евреите и им рече: „Евреи, ако се работеше за злосторство или за некаков престап, ќе бев должен да ве ислушам;

15. но со оглед на тоа што се работи за учења, за личности и за вашиот верски Закон, тоа расчистете си го самите меѓу себе. Јас немам намера да ви пресудувам за такви нешта!“

16. Потоа ги избрка од судницата.

17. А тие го фатија Состен, кој беше управник на синагогата и го тепаа пред судот, но Галио воопшто не интервенираше.

18. Павле остана во Коринт уште извесно време, а потоа се збогува со тамошните христијани и отплови за Сирија. Со него отпатуваа и Присцила и Акила. (Претходно, во Кенкреја, согласно со еврејските обичаи, Павле си ја беше избричил главата, зашто имаше дадено таков завет.)

19. Кога пристигнаа во пристаништето Ефес, Павле се раздели од своите придружници. Додека беше во Ефес, отиде во синагогата и им проповедаше на Евреите.

20. Тие го замолија да остане кај нив подолго време, но тој не прифати,

21. туку, збогувајќи се со нив, им рече: „Ако даде Бог, пак ќе се вратам кај вас.“ Потоа отплови од Ефес.

22. Дојде до пристаништето Цезареја, се поздрави со луѓето од црквата, па замина за Антиохија.

23. Откако остана извесно време во сириска Антиохија, Павле одново тргна на пат, посетувајќи ги редум христијаните во областите на Галатија и Фригија, за да ги охрабри.

24. Во меѓувреме, во Ефес пристигна еден Евреин по име Аполос. Тој беше родум од градот Александрија, во Египет. Беше вешт говорник и добро ги познаваше Божјите книги.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 18