Нов Завет

Дела Ап. 18:1-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Потоа Павле отпатува од Атина за Коринт.

2. Таму се сретна со еден Евреин по име Акила, родум од Понт. Тој, заедно со својата жена Присцила, неодамна беше пристигнал од Италија, бидејќи императорот Клавдиј беше наредил сите Евреи да го напуштат Рим. Павле отиде кај нив,

3. и бидејќи го знаеше нивниот занает - изработка на шатори - тој остана кај нив и заедно работеа.

4. Секоја сабота Павле одеше во тамошната синагога и им проповедаше и на Евреите и на Грците.

5. Кога Сила и Тимотеј пристигнаа од Македонија, Павле уште поревносно им проповедаше на Евреите дека Исус е Месијата што Го чекаат.

6. Но кога тие се свртеа против него и почнаа да го навредуваат, тој им го врати и правот од наметката и им рече: „По своја вина ќе загинете! Јас немам вина за тоа! Отсега ќе одам да им проповедам на другите народи!“

7. Си замина оттаму и се пресели во куќата на Тициј Јуст, побожен човек чија куќа беше веднаш до синагогата.

8. Управник на синагогата беше Крисп. Тој и сите негови домашни поверуваа во Господ. Поверуваа и многу други жители на Коринт, кои ја слушнаа пораката, а откако поверуваа, потоа и се крстија.

9. Една ноќ, Господ му порача на Павле преку видение: „Не плаши се! Немој да молчиш, туку зборувај!

10. Јас сум со тебе и никој нема да ти направи никакво зло! Има многу Мои луѓе во овој град!“

11. Така Павле остана во Коринт една година и шест месеци, проповедајќи им ја на луѓето Божјата порака.

12. Но кога Галио стана управник на Ахаја, извесен број Евреи се здружија и се кренаа против Павле. Го изведоа на суд пред Галио,

13. изнесувајќи го против него следново обвинение: „Овој човек ги наговара луѓето да Му пристапуваат на Бог на начин што е спротивен на нашиот верски Закон!“

14. Пред Павле уста да отвори, Галио се сврте накај Евреите и им рече: „Евреи, ако се работеше за злосторство или за некаков престап, ќе бев должен да ве ислушам;

15. но со оглед на тоа што се работи за учења, за личности и за вашиот верски Закон, тоа расчистете си го самите меѓу себе. Јас немам намера да ви пресудувам за такви нешта!“

16. Потоа ги избрка од судницата.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 18