Нов Завет

Дела Ап. 18:1-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Потоа Павле отпатува од Атина за Коринт.

2. Таму се сретна со еден Евреин по име Акила, родум од Понт. Тој, заедно со својата жена Присцила, неодамна беше пристигнал од Италија, бидејќи императорот Клавдиј беше наредил сите Евреи да го напуштат Рим. Павле отиде кај нив,

3. и бидејќи го знаеше нивниот занает - изработка на шатори - тој остана кај нив и заедно работеа.

4. Секоја сабота Павле одеше во тамошната синагога и им проповедаше и на Евреите и на Грците.

5. Кога Сила и Тимотеј пристигнаа од Македонија, Павле уште поревносно им проповедаше на Евреите дека Исус е Месијата што Го чекаат.

6. Но кога тие се свртеа против него и почнаа да го навредуваат, тој им го врати и правот од наметката и им рече: „По своја вина ќе загинете! Јас немам вина за тоа! Отсега ќе одам да им проповедам на другите народи!“

7. Си замина оттаму и се пресели во куќата на Тициј Јуст, побожен човек чија куќа беше веднаш до синагогата.

8. Управник на синагогата беше Крисп. Тој и сите негови домашни поверуваа во Господ. Поверуваа и многу други жители на Коринт, кои ја слушнаа пораката, а откако поверуваа, потоа и се крстија.

9. Една ноќ, Господ му порача на Павле преку видение: „Не плаши се! Немој да молчиш, туку зборувај!

10. Јас сум со тебе и никој нема да ти направи никакво зло! Има многу Мои луѓе во овој град!“

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 18