Нов Завет

Дела Ап. 17:10-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

10. Уште истата ноќ христијаните од Солун итно ги испратија Павле и Сила во градот Верија. А тие, штом стигнаа во градот, влегоа во еврејската синагога.

11. Евреите од Верија беа многу поблагородни од оние во Солун и со одушевување го примаа она што им го проповедаше Павле. Секојдневно го проучуваа Светото Писмо, за да проверат дали она што тој им го проповеда е вистина.

12. Затоа многумина од тамошните Евреи поверуваа, а поверуваа и поголем број видни жени и мажи од Грците.

13. Кога Евреите од Солун дознаа дека Павле и во Верија ја проповеда Божјата порака, дојдоа да ги подбуцнуваат луѓето против Павле.

14. Тогаш христијаните веднаш го испратија Павле до морскиот брег, а Сила и Тимотеј останаа во Верија.

15. Неколку христијани го спроведоа Павле до Атина. Потоа Павле им рече да се вратат и да им пренесат на Сила и Тимотеј што е можно побрзо да дојдат и тие.

16. Додека Павле ги чекаше во Атина, духот му се потресе гледајќи го градот полн со идоли.

17. Секој ден во синагогата разговараше со Евреите и со побожните луѓе од другите народи што доаѓаа таму. Одеше и на пазарот и им проповедаше на луѓето што ги среќаваше таму.

18. Се расправаше и со неколкумина епикурејски и стоички филозофи. Кога почна да им зборува за Исус и за воскресението, некои од нив си рекоа: „Што сака да каже овој брборко!?“ Други велеа: „Проповеда за некоја нова вера!“

19. Го одведоа пред Советот на филозофите наречен Ареопаг и му рекоа: „Може ли сега да слушнеме какво е ова ново учење што ни го проповедаш?

20. Тврдиш некои чудни работи и сакаме да чуеме повеќе за тоа.“

21. (Атињаните и туѓинците што беа во посета на Атина си го поминуваа времето зборувајќи или слушајќи за нови работи.)

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 17