Нов Завет

Дела Ап. 16:29-37 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

29. Чуварот побара ламба и влезе внатре треперејќи, па клекна пред Павле и Сила.

30. Ги изведе надвор и им рече: „Господа, што треба да сторам, за да се спасам?“

31. Тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус и ќе бидете спасени ти и твоите домашни!“

32. Потоа тие нему и на сите што беа во неговиот дом им проповедаа за Господ,

33. а тој, уште ноќта, им ги изми раните и не чекајќи ниту миг беше крстен, и тој и сите негови домашни.

34. Ги одведе горе, во својата куќа, постави пред нив трпеза, па тој и сите негови домашни многу се радуваа што поверуваа во Бог.

35. Кога се раздени, градските судии испратија службеници да му речат на чуварот: „Ослободи ги тие луѓе!“

36. Чуварот му ги пренесе овие зборови на Павле: „Судиите ми наредија да ве ослободам, затоа слободно одете си.“

37. Меѓутоа, Павле им одговори: „Ние сме римски граѓани, а властите наредија јавно да не тепаат, без да ни се суди. Потоа не затворија. Зар сега сакаат тајно да не ослободат? Не може така! Нека дојдат судиите и тие лично нека не ослободат!“

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 16