Нов Завет

Дела Ап. 15:8-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

8. Бог, Кој ги познава човечките срца, потврди дека ги прифаќа и неевреите со тоа што им го даде Светиот Дух, како и нам.

9. Тој не направи никаква разлика меѓу нас и нив. Ги исчисти и нивните срца преку вера.

10. Зошто сега вие не го прифаќате начинот што Бог го одбра и врз вратовите на нееврејските христијани ставате јарем, кој ниту нашите предци, ниту ние не можевме да го носиме?

11. Ние веруваме дека спасението и за нас и за нив е преку дарежливата благонаклоност на Господ Исус.“

12. Тогаш сите што беа собрани замолкнаа и ги слушаа Барнаба и Павле како раскажуваат за многубројните видливи докази и чуда што Бог ги направи преку нив меѓу нееврејските народи.

13. По нив проговори Јаков: „Луѓе, браќа, слушнете што ќе ви кажам!

14. Симон Петар ви објасни како самиот Бог најнапред се погрижи да придобие Свои луѓе и од другите, нееврејски народи.

15. Тоа е во согласност со претскажувањата на пророците, кои ги запишале Божјите зборови:

16. ,Подоцна ќе се вратам и ќе го обновам паднатиот шатор на Давид, урнатините ќе ги поправам

17. така што остатокот од човештвото, меѓу кои се и сите нееврејски народи кои Јас сум ги повикал да бидат Мои, ќе можат да Го најдат Господа.‘ Вака рече Господ,

18. Кој уште пред векови ни ги објави овие нешта.

19. Затоа јас сметам дека не треба да им отежнуваме на луѓето од нееврејско потекло кои решиле да се свртат кон Бог.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 15