Нов Завет

Дела Ап. 15:19-37 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

19. Затоа јас сметам дека не треба да им отежнуваме на луѓето од нееврејско потекло кои решиле да се свртат кон Бог.

20. Да им напишеме само да не јадат месо што е принесено како жртва на идоли, да се пазат од блуд, да не јадат задавени животни и да не консумираат крв.

21. Зашто овие закони од Мојсеј се проповедаат секоја сабота по еврејските синагоги во сите градови.“

22. Тогаш апостолите, старешините и целата црква во Ерусалим решија да изберат луѓе и да ги испратат во сириска Антиохија, заедно со Павле и Барнаба за да им ја пренесат оваа одлука. Одбраа двајца од водачите на црквата: Јуда, наречен Барсаба, и Сила.

23. Ним им го предадоа следново писмо: “Од апостолите и старешините, ваши браќа од Ерусалим, до христијаните од нееврејско потекло во Антиохија, Сирија и Киликија. Поздрави до вас!

24. Слушнавме дека кај вас дошле луѓе одовде и, без да добијат од нас никакви упатства, ви издавале разни заповеди, со што многу ве вознемириле.

25. Затоа, откако постигнавме согласност по ова прашање, избравме луѓе што ќе ги испратиме кај вас, заедно со нашите сакани Барнаба и Павле,

26. луѓе што Му ги посветиле своите животи на нашиот Господ Исус Христос.

27. Ги испраќаме Јуда и Сила, кои и усно ќе ви го објаснат ова што ви го пишуваме.

28. Светиот Дух и ние решивме да не ве оптоваруваме со други бремиња, освен со овие неколку нешта, што се неопходни:

29. да не јадете месо што е принесено како жртва на идоли, да не консумирате крв, да не јадете задавени животни и да се пазите од блуд. Доволно е да се придржувате до овие упатства. Бидете поздравени!“

30. Така четворицата испратени заминаа за сириска Антиохија. Таму свикаа собрание на сите христијани и им го предадоа писмото.

31. Луѓето го прочитаа и многу и се израдуваа на неговата содржина.

32. А Јуда и Сила, обајцата Божји пророци, долго им зборуваа на христијаните, охрабрувајќи ги и зајакнувајќи им ја верата.

33. Поминаа со нив извесно време, а потоа со благослов од христијаните се вратија во Ерусалим кај оние што ги испратија.

34. (Но Сила реши да остане таму.)

35. Павле и Барнаба останаа во Антиохија, каде што заедно со многу други луѓе поучуваа и ја проповедаа пораката од Господ.

36. По извесно време Павле му рече на Барнаба: „Ајде да се вратиме и повторно да ги посетиме христијаните по сите градови каде што ја проповедавме пораката од Господ, за да видиме како се.“

37. Барнаба се согласи, но предложи да го поведат со себе и Јован, со прекар Марко.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 15