Нов Завет

Дела Ап. 15:13-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

13. По нив проговори Јаков: „Луѓе, браќа, слушнете што ќе ви кажам!

14. Симон Петар ви објасни како самиот Бог најнапред се погрижи да придобие Свои луѓе и од другите, нееврејски народи.

15. Тоа е во согласност со претскажувањата на пророците, кои ги запишале Божјите зборови:

16. ,Подоцна ќе се вратам и ќе го обновам паднатиот шатор на Давид, урнатините ќе ги поправам

17. така што остатокот од човештвото, меѓу кои се и сите нееврејски народи кои Јас сум ги повикал да бидат Мои, ќе можат да Го најдат Господа.‘ Вака рече Господ,

18. Кој уште пред векови ни ги објави овие нешта.

19. Затоа јас сметам дека не треба да им отежнуваме на луѓето од нееврејско потекло кои решиле да се свртат кон Бог.

20. Да им напишеме само да не јадат месо што е принесено како жртва на идоли, да се пазат од блуд, да не јадат задавени животни и да не консумираат крв.

21. Зашто овие закони од Мојсеј се проповедаат секоја сабота по еврејските синагоги во сите градови.“

22. Тогаш апостолите, старешините и целата црква во Ерусалим решија да изберат луѓе и да ги испратат во сириска Антиохија, заедно со Павле и Барнаба за да им ја пренесат оваа одлука. Одбраа двајца од водачите на црквата: Јуда, наречен Барсаба, и Сила.

23. Ним им го предадоа следново писмо: “Од апостолите и старешините, ваши браќа од Ерусалим, до христијаните од нееврејско потекло во Антиохија, Сирија и Киликија. Поздрави до вас!

24. Слушнавме дека кај вас дошле луѓе одовде и, без да добијат од нас никакви упатства, ви издавале разни заповеди, со што многу ве вознемириле.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 15