Нов Завет

Дела Ап. 13:5-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

5. Таму, во градот Саламис, одеа по еврејските синагоги и ја проповедаа Божјата порака. Со нив, како помошник, беше и Јован, со прекар Марко.

6. Го поминаа целиот остров, се до гратчето Пафос. Таму сретнаа еден човек по име Бар-Исус. Тој се занимаваше со магии и лажно им се претставуваше на Евреите како Божји пророк.

7. Од друга страна, тој му беше пријател на Сергиј Павле, управник на островот. Управникот беше разумен човек, па ги покани Барнаба и Савле, сакајќи од нив да ја слушне Божјата порака.

8. Маѓепсникот Елимас (така го викаа на грчки), им се противстави, настојувајќи да го спречи управникот да стане христијанин.

9. Тогаш Савле, познат и како Павле, се исполни со Светиот Дух, го погледна маѓепсникот в очи

10. и му рече: „Човеку, ти си полн со измами и лукавства! Ѓаволски син си, непријател на се што е праведно! Нема ли да престанеш да лажеш и да тврдиш дека твоите лаги се вистинските патишта Господови!?

11. Еве, сега раката Господова ќе те казни: ќе ослепиш и извесно време нема да гледаш!“ Маѓепсникот веднаш ослепе и талкаше наоколу, молејќи се некој да го фати за рака и да го води.

12. Кога управникот виде што се случи, поверува, а она што го научи за Господ му остави силен впечаток.

13. Потоа Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во пристаништето Перга, во областа Памфилија. Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим.

14. Барнаба и Павле заминаа од Перга и дојдоа во Антиохија, град во областа Писидија.

15. Откако заврши вообичаеното читање од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците, водачите на синагогата ги поканија: „Браќа, ако имате некаква порака за народот, излезете и зборувајте!“

16. Тогаш Павле стана, ја подигна раката за да престанат да зборуваат, па рече: “Луѓе, Израелци и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, слушнете!

17. Израелскиот Бог ги одбра нашите предци и го издигна нашиот народ во времето кога беше во Египет, и победоносно го изведе оттаму.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 13