Нов Завет

Дела Ап. 13:32-50 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

32. Барнаба и јас сме сега дојдени да ви пренесеме Радосна вест: ветувањето што Бог им го беше дал на нашите предци

33. го исполни пред нас, нивните деца, кога Го воскресна Исуса! Имено, во вториот псалм Бог вели во врска со Исус: ,Ти си Мојот Син, денес станав Твој Татко.‘

34. Понатаму, Бог вети дека ќе Го воскресне Исуса од мртвите и дека никогаш повеќе нема да умре. Тоа е запишано со следниве зборови: ,Тебе ќе ти го дадам светиот благослов што му го ветив на Давид.‘

35. Во еден друг псалм, појаснува: ,Ти нема да дозволиш Твојот Светец да скапува во гробот.‘

36. Ова ветување не се однесуваше на Давид, зашто Тој, откако ја изврши Божјата мисија меѓу своите современици, почина и беше прибран кај своите предци, а неговото тело се распадна.

37. Ова се однесуваше на некој друг, на Оној Кого Бог Го воскресна, на Исус. Тој не остана во гробот, Неговото тело не се распадна.

38. Затоа, браќа мои, Радосната вест гласи дека само преку Исус може да ви се простат гревовите! Тој може да го стори она што не е можно да се постигне со придржување кон Мојсеевиот Закон.

39. На секој што верува во Него, ќе му се прости вината, ќе биде оправдан пред Бог! Ова е нешто што не можеше да се добие преку придржување кон Мојсеевиот Закон.

40. Затоа внимавајте да не ве снајде она што е претскажано од пророците:

41. ,Гледајте, вие подбивачи! Стаписајте се и изгинете, зашто она што го правам во вашите дни, немаше да го верувате ако некој ви го раскажуваше!‘“

42. На излегување, луѓето ги молеа и идната сабота да им проповедаат за ова.

43. Кога се разотидоа, многу Евреи и прозелити тргнаа по Павле и Барнаба, кои им зборуваа и ги охрабруваа да Му останат верни на Бог, чија благонаклоност се излеа над нив.

44. Следната сабота речиси целиот град се собра да ја слуша пораката Господова.

45. Кога еврејските челници видоа колку многу народ се насобра, се исполнија со завист. Почнаа да го навредуваат Павле и да му се противат на се што ќе речеше.

46. Но Павле и Барнаба, решително и смело им рекоа: „Нормално беше Божјото Слово да ви се проповеда прво вам, на Евреите. Но вие го одбивате и покажувате дека не сте достојни за вечен живот; затоа сега ние се свртуваме кон другите народи.

47. Самиот Господ вака ни нареди: ,Ве поставувам да им бидете светлина на нееврејските народи, да го однесете спасението до краевите на Земјата!‘“

48. Слушајќи го ова, луѓето од нееврејско потекло се радуваа и Му благодареа на Господ за она што го слушаа. Тогаш сите што беа предодредени за вечен живот, поверуваа.

49. Така пораката Господова се ширеше низ целата област.

50. Тогаш еврејските челници ги подбуцнаа поистакнатите религиозни жени и градските водачи, кои се кренаа против Павле и Барнаба и ги истераа од нивната област.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 13