Нов Завет

Дела Ап. 12:9-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

9. Така Петар излезе од затворот, следејќи го ангелот, и не беше свесен дека тоа што се случува е на јаве, туку мислеше дека сонува.

10. Ја поминаа првата стража, ја поминаа и втората стража, дојдоа пред железната градска порта и таа сама им се отвори, па излегоа и тргнаа по една улица. Тогаш ангелот исчезна.

11. А кога Петар дојде на себеси, рече: „Сега се уверив дека Господ навистина испрати Свој ангел да ме избави од Ирод и од она што сакаа да ми го сторат Евреите!“

12. Потоа Петар се упати кон куќата на Марија, мајката на Јован, со прекар Марко. Таму имаше многу христијани собрани на молитва.

13. Чукна на портата. Дојде слугинката по име Рода

14. и кога му го позна гласот, од радост не му отвори, туку втрча во куќата и им кажа дека Петар стои пред портата.

15. „Ти не си при себе!“ - и рекоа луѓето, но таа упорно тврдеше дека ја зборува вистината. „Тоа мора да е неговиот ангел!“ - велеа тие.

16. Петар продолжуваше да чука и кога конечно му отворија и го видоа, се стаписаа!

17. Им даде знак со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од затворот, па додаде: „Јавете му за ова на Јаков и на другите браќа - христијани.“ Потоа Петар си замина и отиде на друго место.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 12