Нов Завет

Дела Ап. 12:11-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

11. А кога Петар дојде на себеси, рече: „Сега се уверив дека Господ навистина испрати Свој ангел да ме избави од Ирод и од она што сакаа да ми го сторат Евреите!“

12. Потоа Петар се упати кон куќата на Марија, мајката на Јован, со прекар Марко. Таму имаше многу христијани собрани на молитва.

13. Чукна на портата. Дојде слугинката по име Рода

14. и кога му го позна гласот, од радост не му отвори, туку втрча во куќата и им кажа дека Петар стои пред портата.

15. „Ти не си при себе!“ - и рекоа луѓето, но таа упорно тврдеше дека ја зборува вистината. „Тоа мора да е неговиот ангел!“ - велеа тие.

16. Петар продолжуваше да чука и кога конечно му отворија и го видоа, се стаписаа!

17. Им даде знак со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од затворот, па додаде: „Јавете му за ова на Јаков и на другите браќа - христијани.“ Потоа Петар си замина и отиде на друго место.

18. Кога се раздени, настана паника меѓу војниците. Не знаеја што се случило со Петар!

19. Ирод испрати потера, но не го најде. Ги испрашуваше и стражарите, но безуспешно, па нареди да ги погубат. Потоа Ирод ја напушти Јудеја и привремено се пресели во Цезареја.

20. Ирод беше во многу лоши односи со граѓаните на Тир и Сидон. Тие се здружија, испратија кај него делегација. Го поткупија Бласт, кој му беше собар, и побараа да склучат мир, бидејќи нивната земја добиваше храна од земјата на царот Ирод.

21. На договорениот ден, Ирод се облече во царска облека, седна на престолот, и му одржа говор на насобраниот народ.

22. Народот одушевено викаше: „Ова е глас на бог, а не на човек!“

23. Во истиот миг ангел Господов го удри со болест, зашто не Му оддаде слава на Бог. Во неговото тело се развија црви од што тој набргу умре.

24. А Божјата порака се пошироко се проповедаше и бројот на христијаните растеше.

25. Откако ја завршија мисијата во Ерусалим, Барнаба и Савле се вратија во Антиохија. Со себе го зедоа Јована, со прекар Марко.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 12