Нов Завет

Дела Ап. 11:14-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

14. Тој ќе ти каже како да се спасите ти и сите што живеат во твојот дом.‘

15. Тукушто почнав да зборувам, Светиот Дух слезе врз нив, исто како што слезе и врз нас на почетокот.

16. Тогаш се сетив на она што Господ ни го рече: ,Јован крштаваше со вода, а вие ќе бидете крстени со Светиот Дух.‘

17. Штом Бог им го даде истиот дар како и нам, кога и тие поверуваа во Исус Христос, кој сум јас да Му се противставувам на Бог!?“

18. Кога го слушнаа ова, престанаа да негодуваат и Го прославија Бога, велејќи: „Значи и на неевреите Бог им даде можност да се покаат и да добијат вечен живот!“

19. Во меѓувреме, христијаните што се беа распрснале поради прогонствата што настапија по убиството на Стефан, и беа стигнале до Феникија, Кипар и Антиохија, не им ја проповедаа Радосната вест на другите народи, туку само на Евреите.

20. Имаше само неколкумина од Кипар и Кирена, кои, откако стигнаа во Антиохија, им проповедаа и на Грците дека Исус е Господ.

21. Силата Господова беше со нив и голем број поверуваа и се обратија кон Господ.

22. Кога за ова слушнаа луѓето од ерусалимската црква, го испратија Барнаба во Антиохија.

23. Тој дојде и, восхитен од Божјата благонаклоност, се радуваше и ги охрабруваше сите да Му останат верни и посветени на Господ.

24. Барнаба беше добар човек, исполнет со Светиот Дух и со силна вера. Тогаш голем број луѓе се приклонија кон Господ.

25. Потоа Барнаба замина за Тарс да го бара Савле,

26. па кога го најде, го доведе во Антиохија. Цела една година останаа таму. Се собираа во црквата и поучуваа многу народ. Токму во Антиохија следбениците на Христос првпат ги нарекоа христијани.

27. Во тоа време од Ерусалим во Антиохија дојдоа неколку пророци.

28. Еден од нив по име Агав претскажа преку Светиот Дух дека по целото Римско царство ќе настапи голем глад. Тоа навистина и се случи во времето на Клаудиј.

29. Тогаш христијаните во Антиохија решија секој, според своите можности, да им испрати помош на христијаните во Јудеја.

30. Така и направија, испраќајќи ја помошта до тамошните старешини, преку Барнаба и Савле.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 11