Нов Завет

Дела Ап. 11:1-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Апостолите и другите христијани во Јудеја разбраа дека и неевреите ја прифатиле Божјата порака.

2. Кога Петар се врати горе, во Ерусалим, некои од Евреите - христијани почнаа да му приговараат,

3. велејќи му: „Си влегол во куќа полна со необрезани луѓе и си јадел со нив!“

4. Тогаш Петар почна да им објаснува што се случи, и им рече:

5. „Бев во градот Јопа. Додека се молев, паднав во занес и имав видение: нешто како големо ленено платно врзано за ќошињата се спушти од небото и дојде до мене.

6. Погледнав во платното и видов разни видови четириножни животни, ѕверови, влечуги и птици.

7. Потоа слушнав глас: ,Петар! Стани, коли и јади!‘

8. Јас одговорив: ,Никако, Господи, зашто она што е забрането да се јаде според еврејските закони никогаш не влегло во мојата уста!‘

9. Гласот од небото по вторпат ми проговори: ,Немој да го сметаш за нечисто она што Бог го исчистил!‘

10. Тоа се случи трипати и потоа платното со животните се врати на небото.

11. Веднаш потоа, пред куќата во која престојував, се појавија тројца мажи од Цезареја. Тие беа испратени по мене.

12. Светиот Дух ми рече да одам со нив, без да се двоумам. Со мене тргнаа уште шестмина христијани. Заедно отидовме во домот на човекот што ме повика.

13. Тој ни раскажа како во својот дом видел ангел, кој му рекол: ,Испрати луѓе во Јопа и викни го Симон, кого уште го викаат Петар.

14. Тој ќе ти каже како да се спасите ти и сите што живеат во твојот дом.‘

15. Тукушто почнав да зборувам, Светиот Дух слезе врз нив, исто како што слезе и врз нас на почетокот.

16. Тогаш се сетив на она што Господ ни го рече: ,Јован крштаваше со вода, а вие ќе бидете крстени со Светиот Дух.‘

17. Штом Бог им го даде истиот дар како и нам, кога и тие поверуваа во Исус Христос, кој сум јас да Му се противставувам на Бог!?“

18. Кога го слушнаа ова, престанаа да негодуваат и Го прославија Бога, велејќи: „Значи и на неевреите Бог им даде можност да се покаат и да добијат вечен живот!“

19. Во меѓувреме, христијаните што се беа распрснале поради прогонствата што настапија по убиството на Стефан, и беа стигнале до Феникија, Кипар и Антиохија, не им ја проповедаа Радосната вест на другите народи, туку само на Евреите.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 11