Нов Завет

Дела Ап. 10:36-48 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

36. Вие ја знаете пораката што им ја упати на Израелците, нудејќи им Радосна вест за помирување преку Исус Христос, Кој е Господ на сите.

37. Знаете што се се случуваше во Јудеја, почнувајќи од Галилеја, откако Јован Крстител почна да проповеда дека секој треба да се крсти.

38. Потоа Бог Го помаза Исуса од Назарет со Светиот Дух и Му даде сила. Исус цел живот правеше добрини и ги исцелуваше сите што беа угнетени од Ѓаволот, зашто Бог беше со Него.

39. А ние, апостолите, сме сведоци за се што Тој направи во земјата на Евреите и во Ерусалим. Него Го убија, Го распнаа на крст.

40. Но на третиот ден, Бог Го воскресна, Му овозможи да се појави,

41. не на сите луѓе, туку само на сведоците што Бог ги беше одбрал од порано, односно нам што јадевме и пиевме со Него откако Тој воскресна од мртвите.

42. Тој ни заповеда да им проповедаме и да ги уверуваме луѓето дека Исус е Судијата назначен од Бог, и Тој ќе им суди и на живите, и на мртвите.

43. Сите пророци зборуваа за Исус и навестија дека на сите што веруваат во Него им се простуваат гревовите преку вера во Неговото име.“

44. Додека Петар зборуваше, Светиот Дух слезе врз сите што ја слушаа пораката.

45. Христијаните од еврејско потекло, кои го придружуваа Петар, се изненадија кога видоа дека Светиот Дух и духовните дарби им беа дадени и на луѓе што не се Евреи.

46. Тука, пред нивни очи, ги слушаа како зборуваат на туѓи јазици и Го прославуваат Бога. Тогаш Петар рече.

47. „Може ли некој да не им дозволи на овие луѓе да се крстат во вода, кога тие Го примија Светиот Дух исто како и ние!?“

48. Така Петар им заповеда да бидат крстени во името на Исус Христос. Потоа тие го замолија да остане кај нив уште неколку дена.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 10