Нов Завет

2 Тимотеј 4:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Кога Исус Христос ќе дојде да го воспостави Своето царство, Тој ќе им суди на сите - и на живите и на мртвите. Затоа, имајќи ги Бог и Исус Христос за сведоци, со заклетва те задолжувам

2. да ја проповедаш Божјата порака! Прави го тоа ревносно, без оглед на тоа дали моментот е погоден или не. Исправај ги луѓето и укорувај ги за нивните гревови. Трпеливо поучувај ги и охрабрувај ги.

3. Ќе дојде време кога луѓето нема да го слушаат правилното учење. Напротив, за да си најдат оправдување за своите грешни страсти, ќе си повикаат многубројни учители што ќе им го кажуваат она што сакаат да го слушнат.

4. Ќе престанат да ја слушаат вистината и ќе се свртат кон бесмислени митови.

5. Ти, меѓутоа, биди трезвен во секоја ситуација. Издржи ги неправдите. Како проповедник на Радосната вест, изврши ја својата задача докрај.

6. На мојот живот му се гледа крајот. Дојде време да заминам кај Господ.

7. Храбро се борев, ја завршив трката и останав верен.

8. Затоа, за мене е веќе обезбеден венецот на праведноста што Господ ќе ми го даде. Тој суди праведно и во Оној Ден ќе ми даде венец, и мене, и на сите што со нетрпение го чекаат Неговото повторно доаѓање.

9. Потруди се да дојдеш кај мене колку што можеш побргу.

Прочитајте целосна глава 2 Тимотеј 4